Сите оние корисници кои сакаа да конкурираат за некоја од програмите и мерките од ИПАРД, кои уште пред неколку месеци беа ставени во мирување поради пандемијата со Ковид-19, тоа ќе може да го сторат уште денес.
„Сакам да ги информирам сите корисници на програмите и мерките од ИПАРД програмата дека со престанокот на вонредната состојба, веќе од вчера продолжија да течат сите рокови на претходните отворени повици по ИПАРД 2 програмата, кои Владата, во април, преку Уредба со законска сила ги стави во мирување, поради пандемијата од коронавирусот Ковид-19. Ова значи дека од овој момент продолжува да тече рокот за поднесување на апликации за мерка 1 –инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства од ИПАРД 2 програмата и новиот продолжен краен рок за доставување на апликациите за мерка 1 е до 3 август 2020“ година, рече Николче Бабовски, директор на Агенцијата за финансисска подршка на земјоделството и рурален развој.
Апликантите кои претходно имаат склучено договори, чии договори за реализација на инвестициите истекоа во време додека траеше вонредната состојба, согласно Уредбата со законска сила за примена на законот за основање на Агенцијата, имаат рок од дополнителни 60 дена по завршувањето на вонредната состојба да ги реализираат инвестициите, додека пак сите оние кои роковите за реализација се уште им течат, рокот им се продолжува за толку дена колку рокот за реализација бил стопиран за време траење на вонредната состојба и тоа почнувајќи од денот на престанувањето на вонредната состојба. „Апелираме апликантите да ги запазат роковите до кога треба да ги завршат своите инвестиции бидејќи ние ги создадовме сите можни услови и предуслови за да може успешно и целосно да се финализираат отпочнатите проекти“, информираше директорот Бабовски.
Со мерките и средствата кои се реализираат преку платежната агенција, сериозно се влијае на развојот не само на домашната економија и модернизација на претпријатијата, туку директно се развиваат и руралните средини, а се отвараат и нови работни места. Агенцијата води сметка корисниците на мерките и програмите кои се реализираат да добијат целосна поддршка, се со цел реализација на квалитетни проекти со кои се произведуваат производи со додадена вредност, а со тоа директно да се влијае и на зголемување на бруто домашниот производ.
Преземено од: Cyber Green Market
Б.А.Н.